Хорор во романските домови за социјална грижа

romanian
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Откако добила вознемирувачки СМС пораки од млад човек кој бил загрижен поради условите во кои неговиот пријател живее во дом за социјална грижа во централна Романија, Горгијана Пашку извршила ненајавена проверка на објектот.

„На почетокот, бевме прилично сигурни дека нема ништо таму“, рече Пашку, програмски менаџер во Правниот ресурсен центар, група за заштита на правата. Таа рече дека државните органи претходниот ден извршиле увид во домот за стари лица и лица со попреченост и не констатирале никакви проблеми.


Но, она што таа и нејзините колеги го открија во домот во населбата Бардешти, како што рече, е „скандалозно… нехумано“.

„Имаше многу млада жена која изгледаше неухрането, не се движеше, воопшто не зборуваше, лежеше на подот на подрумот“, изјави таа за Асошиејтед прес (АП). „Имаше и уште една млада жена, таа плачеше и молеше за вода.

Невладината организација откри дека на крајот на јули, шест станари живееле во тесниот, валкан подрум на куќата Малиот Дом Мин, опкружен со градежни материјали, а уште 23 луѓе живееле на катовите погоре. Четворица станари со тежок инвалидитет лежеле на душеци „извалкани со измет, урина и крв, со муви на нив и не можеле да се одбранат и да побараат помош“, велат тие.

Екипа од три лица од Правниот ресурсен центар веднаш се јавила на 911, а пристигнале полицајци и екипи на брзата помош, но дури и тие повикале помош, рече Пашку. Некое време подоцна, еден станар ја упатил Пашка во, како што вели, мала „изолирана соба … со само кревет внатре“, каде што двајца станари живееле без „вештачка или природна светлина“.

Наодите на оваа невладина организација покренаа судска истрага и следеа слични откритија во други приватни институции, според АП. Досега, двајца членови на владата беа принудени да поднесат оставки поради, како што го нарекуваат романските медиуми скандалот „домовите на ужасот“.

АП објави дека ова е последното во серијата вознемирувачки откритија кои се најдоа на насловните страници во локалните медиуми и го истакнаа влијанието на корупцијата врз социјално ранливите луѓе во Романија, која се приклучи на Европската Унија во 2007 година.

Еден од главните услови за пристапување на Романија во ЕУ беше борбата против ендемската корупција, но сепак таа е една од најкорумпираните членки на блокот, според индексот на Транспаренси интернешнал.

На почетокот на јули, полициските рации во три одделни домови за стари лица во областа Илфов во близина на Букурешт, исто така, открија широко распространета злоупотреба и запоставување на старите лица и на лица со посебни потреби. Се појавија слики на станари врзани за кревети во валкани соби, некои со знаци на физичко малтретирање и гладување.

Во тие случаи, романската агенција за борба против организираниот криминал, DIICOT, рече дека две организирани криминални банди обвинети за трговија со луѓе и други злосторства биле формирани во 2020 година за да „експлоатираат лица со посебни потреби или во ранливи ситуации“. Обвинителите рекоа дека станарите биле изложени на неплатена принудна работа, како и физичко насилство и дека не им била дадена доволно храна.

Обвинителството покрена кривична истрага и соопшти дека во случајот има повеќе од 20 осомничени.

DIICOT приведе три лица откако дозна за Мал Дом Мин, за која тврди дека формирала криминална група во 2020 година „за да изврши кривично дело трговија со луѓе“ и дека жителите биле подложени на „нехуман и понижувачки третман“ преку физичка и ментална агресија.

Корисниците на домот биле експлоатирани под маската на здружение кое ги присвојувало нивните социјални бенефиции или пари што им биле испратени од пријатели и роднини, велат обвинителите. Наместо парите да одат за грижа на станарите, тие најмногу оделе „за доброто на членовите на групата“.

Двајца локални функционери беа отпуштени поради откритијата, а властите го затворија домот.

Дору Константин, портпарол на социјалните служби во областа Муреш, потврди за АП дека инспекторите го прегледале Мали Дом Мин ден пред откритието на невладината организација, но рече дека не нашле ништо „бидејќи немале пристап до подрумот на зградата“.

„Ниту сега не можам да верувам дека вакво нешто може да се случи во нашата област“, ​​додаде тој.

Национален срам

Претседателот Клаус Јоханис ги нарече откритијата „национален срам“ и рече дека мора да се преземат мерки за „да се искорени злото во корен“.

Еден од управителите на домот за стари лица во областа Илфов, според DIICOT, ги трошел парите на жителите на проститутки, дрога и забави. Тој е под истрага и на Националната дирекција за сузбивање на корупцијата за злоупотреба на службената положба. Управата за корупција истражува и двајца социјални инспектори кои во мај дале позитивен извештај по проверка на домот.

Министерката за семејство Габриел Фиреа, за која се вели дека има блиски врски со менаџерот на старечки дом, беше принудена да поднесе оставка поради скандалот, како и министерот за труд Мариус Будаи. И двајцата негираа какви било сознанија за проблемите во домовите.

Алин Митуца, романски пратеник во Европскиот парламент, во јули ја праша Европската комисија дали има намера да го истражи проблемот со злоупотребата во романските домови за нега, што, како што рече, директно ја прекршува Повелбата за основните права на Унијта. Одговорните романски власти, како што рече Митута, „биле информирани за овие проблеми… но не било преземено ништо“.

Портпаролката на Европската комисија, Анита Хипер, во изјавата што ја испрати до АП изјави дека Комисијата е „длабоко загрижена за овој случај, бидејќи нема место за злоупотреба на ранливите луѓе во ЕУ“ и додаде дека не може да коментара за тековните истраги. .

АП пишува дека неодамнешните откритија, исто така, ги разбудиле сеќавањата на романските сиропиталишта од комунистичката ера, кои дојдоа во центарот на светското внимание откако претседателот Николае Чаушеску беше погубен во 1989 година. Во раните 1990-ти, низ светот беа прикажани слики од илјадници деца напуштени во сиропиталишта каде што живееле во нехигиенски услови.

Бјанка Албу, романска истражувачка новинарка која првпат известуваше за домовите за нега во областа Илфов пред шест месеци со колегата Овидиу Вангеле, рече дека нивниот извештај првично не привлече „никакво внимание од локалните или националните власти“. Таа стравува дека „овие проблеми се случуваат насекаде“ во Романија.

„Тоа е како болест“, рече таа.

Премиерот Марсел Чолаку минатата недела изрази благодарност до невладините организации кои „откриле злоупотреби во системот за социјална заштита“.

„Очигледно е дека на романската држава и е потребна помош. Треба да го затвориме ова поглавје на злоупотреби“, рече Чолаку.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK