Доналд Трамп приватно изразил сомнеж во планот на Пентагон за пренос во живо на погубувањето на поранешниот мајор од американската армија, Нидал Хасан – кој е осуден за убиство на 13 лица во Форт Худ во 2009 година – пренесува „Аксиос“, повикувајќи се на четворица соговорници на американскиот претседател. Во изминатите денови, Трамп се соочи со широки критики за идејата за емитување на погубувањето, како од демократите и републиканците, така и од советници во и надвор од Белата куќа.
„Можеби нема да се случи“
Трамп му рекол на едно лице надвор од администрацијата дека преносот на погубувањето на Хасан, закажано за 3 декември, „можеби нема“ да се реализира. Извор изјавил за „Аксиос“ дека Трамп не звучел особено ентузијастички за идејата, поради што изминативе денови се јавувал кај луѓе за да го слушне нивното мислење.
Предвидено е Хасан да биде погубен од стрелачки вод во Форт Худ. Доколку преносот навистина се реализира, тоа би било прво погубување во САД што јавноста би можела да го следи во живо преку интернет.
Хегсет го најави јавниот пренос
Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет минатата недела објави дека Пентагон има намера да дозволи јавен пренос на погубувањето. „Ќе овозможиме луѓето да го гледаат, да биде јавно, бидејќи луѓето треба да разберат дека постојат сериозни последици за вакви работи“, рече Хегсет.
Идејата предизвика широка осуда во САД и во странство. Во петокот, Трамп првично целосно го поддржа предлогот, велејќи: „Апсолутно, одобрувам“, но подоцна истиот ден го ублажи тонот. „Сакаат да го направат тоа бидејќи сакаат да дадат пример. Не бев вклучен во таа одлука, но ја разбирам“, рече Трамп.
„Јас ќе одлучам“
Во саботата, Трамп изјави дека тој ќе ја донесе конечната одлука. „Постојат две гледишта: да не се прикажува и да се прикажува. Зашто, знаете, ако се прикаже, можеби други луѓе нема да го направат она што го направи тој. На крајот, јас ќе ја донесам одлуката. Знам што сака војската, но ние ќе одлучиме“, рече тој.
Потпретседателот Џеј-Ди Венс, исто така, деновиве навести дека е можно да не дојде до емитување. Тој изјави дека не знае дали тоа навистина ќе се случи и додаде дека тој лично не би го гледал.
Трамп стравува дека Хасан ќе стане маченик
Соработник на Трамп изјави за „Аксиос“ дека претседателот сака Хасан да биде казнет, но истовремено не сака јавното емитување да го претвори во маченик. „Претседателот сака тој да плати, а јавното погубување би можело да биде дополнително понижување што Хасан го заслужува. Сепак, тој не сака да направи маченик од него“, рече тој.
Друг извор ја доведе во прашање смислата на емитувањето, имајќи ја предвид здравствената состојба на Хасан. Хасан останал трајно повреден по неговото апсење и користи инвалидска количка.