Висок политички лидер на Хамас повтори дека се подготвени „веднаш да ги предадат сите затвореници“ доколку таков потег доведе до крај на војната, објави Анадолија.
Басем Наим рече дека мисли оти американскиот претседател Доналд Трамп „може да го стори тоа ако изврши доволен притисок врз Израелците веднаш да ја прекинат оваа војна“, додавајќи дека Трамп „има способност и волја да ја постигне оваа мирна ситуација“.
„Подготвени сме да соработуваме со него за да ја постигнеме оваа цел за помирен регион“, изјави тој за Скај њуз.
Тој нагласи дека Газа и нејзините жители заслужуваат, како и сите други луѓе, да живеат во мир и достоинство.
„Го кажавме тоа во име на сите медијатори и Американците, подготвени сме веднаш да ги предадеме сите затвореници, ако можеме да бидеме сигурни дека тоа ќе доведе до крај на оваа војна“, рече Наим кога беше прашан дали се подготвени да ги предадат заложниците.
Тој истакна дека, преку посредници и директно преку „некои лица во американските администрации“, тие пренеле дека повикуваат на целосно повлекување на израелските сили, обезбедување помош за Газа и обновување на Појасот Газа без присилна миграција.
Тој рече дека Хамас го прифатил египетскиот мировен предлог, кој се однесува на „формирање на палестинско, независно, политички непристрасно тело кое ќе управува со Појасот Газа“.
Но, тој додаде: „Пред тоа, сè додека сме сè уште окупиран народ, имаме целосно право да продолжиме да го браниме нашиот народ и да се спротивставуваме на окупацијата со сите средства, вклучително и под оружје“.
Како одговор на интервјуто, портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џејмс Хјуит, за „Скај њуз“ изјави дека Хамас „не покажал дека е сериозен во врска со мирот“.
Хјуит рече дека Трамп „јасно стави до знаење дека Хамас мора да го положи оружјето“.