Хамас ја презеде одговорноста за пукањето утринава на автобуска станица во Ерусалим, во која загинаа три лица, а 16 беа повредени.
Милитантната организација го пофали своето воено крило, бригадите Ал Касам, за „херојската операција во Ерусалим“ на Телеграм.
Според израелската полиција, напаѓачите биле неутрализирани на лице место. Станува збор за двајца браќа Мурад Мухамед Нимр (38) и Ибрахим Мухамед Нимр (30), кои претходно биле во затвор поради терористички активности, пишува Скај Њуз.
„Потврдуваме дека оваа операција е природен одговор на злосторствата на окупаторите, вклучително и бруталните масакри во Појасот Газа и убиствата на децата во Џенин, како и на насилството врз нашите затвореници кои се во окупациски затвори“, се вели во соопштението на Хамас.
Израелскиот министер за национална безбедност Итамар Бен Гвир изјави дека двајцата напаѓачи во Ерусалим кои пукаа во цивили на автобуската станица се членови на милитантната група Хамас кои живееле во источниот дел на Ерусалим.
„Ова се очигледно оперативци на Хамас. Хамас има два гласа – едниот заговара прекин на огнот, а другиот терор. Овој инцидент уште еднаш докажува дека не смееме да покажеме слабост и дека со Хамас мора да разговараме само преку акции, само преку војна“, рече Гвир.