Силно невреме вчера го зафати главниот град на Италија. Ветерот урна дрвја, силен дожд ги поплави улиците, а гром ја оштети триумфалната капија на Константин во близина на Римскиот Колосеум.
Работниците собраа и обезбедија парчиња бел мермер од античката зграда веднаш штом невремето стивна, изјавија официјални лица. Сè уште се проценува степенот на штетата. „Нашите работници пристигнаа веднаш по ударот на громот. Сите фрагменти беа пронајдени и обезбедени“, се вели во соопштението на Археолошкиот парк Колосеум.
Дури и туристите кои денеска поминаа покрај зградата нашле фрагменти и им ги предале на работниците во паркот. „Малку е надреално што ги најдовме фрагментите“, рече Јана Ренфро, 69-годишна туристка од американската сојузна држава Индијана, која рече дека ги пронашла фрагментите на околу три метри од основата на структурата.
Нивниот водич, Серена Џулијани, ги пофали за предавањето на пронајдените фрагменти, велејќи дека тие покажале „голема чувствителност за римските антиквитети“. Триумфалната капија, висока повеќе од 20 метри, била подигната во 315 н.е. за да ја прослави победата на императорот Константин над Максенциј по битката кај Милвискиот мост.