Границите не смеат да се менуваат насилно, регира Германија по изјавите на Трамп за Гренланд

avion-tramp-grenland.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Гeрманија го нагласува меѓународниот принцип дека границите не треба да се менуваат со сила, изјави денеска владиниот портпарол по изјавите на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за Гренланд и Канада, додека шефот на данската дипломатија рече дека Гренланд може да стане независен, но не и американска сојузна држава.


„Како и секогаш, важи чесниот принцип на Повелбата на Обединетите нации и на Хелсиншкиот договор, а тоа е дека границите не смеат да се менуваат насилно“, рече портпаролот на редовната прес-конференција.

Портпаролот одби да одговори на прашањето колку Германија сериозно ги сфаќа изјавите на Трамп.

Вчера Трамп не ја отфрли можноста за користење воена или економска акција за преземање на Панамскиот канал и Гренланд и ја изнесе идејата Канада да стане американска држава.

Канадскиот премиер Џастин Трудо вчера го отфрли предлогот на Трамп.

„Шансите Канада да стане дел од Соединетите Држави се како снежна топка во пеколот. Работниците во двете наши земји имаат корист од тоа што меѓусебно се најголеми трговски и безбедносни партнери“, напиша Трудо на платформата „Икс“.

Премиерот на Гренланд денеска во Копенхаген разговараше со данскиот крал, еден ден откако изјавите на Трамп ја ставија судбината на островот под контрола на Данска на врвот на светските наслови.

Трамп, кој ја презема функцијата на 20 јануари, вчера изјави дека нема да ја исклучи можноста за користење воена или економска акција за припојување на Гренланд кон САД. Истиот ден, најстариот син на Трамп, Доналд Трамп Џуниор, беше во приватна посета на Гренланд.

Гренланд, најголемиот остров на светот, е дел од Данска веќе 600 години, иако неговите 57.000 жители сега самостојно управуваат со внатрешните работи. Владата на Гренландскиот премиер Муте Егеде се залага за евентуална независност на островот.

„Целосно разбираме дека Гренланд има свои амбиции. Ако тие се остварат, Гренланд ќе стане независен, но тешко дека има амбиција да стане сојузна држава во рамките на Соединетите држави“, рече данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK