­

Голем бунт во Турција, луѓето масовно излегуваат на улиците, се огласи Ердоган


erdogan-12.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави во петокот дека Турција нема да потклекне пред „уличниот терор“ на третиот ден од протестите што избија поради апсењето на опозицискиот градоначалник на Истанбул, Екрем Имамоглу, под обвинение за тероризам и корупција.


„Турција нема да потклекне пред уличниот терор“, рече Ердоган, оценувајќи дека протестите што ги свика опозицијата ќе завршат во „ќорсокак“.

„Нема да толерираме никакво нарушување на јавниот ред“, додаде тој.

Озгур Озел, лидер на Републиканската народна партија, најголемата опозициска партија во земјата на која и припаѓа Имамоглу, ги повика Турците да излезат на улица во петок во 20:30 часот по локално време, и покрај предупредувањата од властите.

„Од сега никој не треба да очекува Републиканската народна партија да води политика во сали или згради. Отсега ние сме на улиците и на плоштадите“, рече Озел во четвртокот вечерта пред градското собрание на Истанбул, каде илјадници луѓе се собраа втор ден по ред во поддршка на Имамоглу, главниот ривал на Ердоган.

Два моста и неколку главни патишта кои водат до Градското собрание беа затворени за сообраќај денеска на 24 часа.

Протести се одржуваат од средата во најмалку 32 од 81 провинција во Турција, според АФП.

Министерот за правда Јилмаз Тунч ги опиша повторените повици на опозицијата за протести како „нелегални и неприфатливи“.

Ваков бран протести во Турција не се памети од големите протести во 2013 година кои започнаа од плоштадот Таксим.

Екрем Имамоглу, кој истражителите почнаа да го испрашуваат во петокот попладне, требаше да биде именуван за кандидат на Републиканската народна партија за претседателските избори во недела.

Но, во вторникот вечерта, неговата универзитетска диплома беше одземена, само неколку часа пред да биде уапсен. Турскиот устав предвидува дека кандидатот за претседател мора да има високо образование.

Имамоглу беше реизбран за градоначалник на Истанбул во 2024 година, откако го одзеде градот од владејачката АКП во 2019 година.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK