Голем број тинејџери меѓу ослободените Палестинци: „Имам вртоглавица од среќа што се враќам дома“

Голем-број-тинејџери-меѓу-ослободените-Палестинци-„Имам-вртоглавица-од-среќа.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Триесет и девет палестински тинејџери и жени беа ослободени од израелските затвори во саботата, откако се чинеше дека договорот за прекин на огнот беше доведен во прашање. Тие беа ослободени како дел од договорот со кој беа вратени 26 израелски заложници земени на 7 октомври. Вкупниот број на ослободени Палестинци од почетокот на привремениот прекин на огнот е 78, пишува „Би-би-си“.


Еден од ослободените Палестинци, Мохамад дар-Дарвиш (17), рече дека му се врти во главата од среќа што ќе се врати дома. Размената беше одложена откако Хамас го обвини Израел дека ја менува договорената листа на затвореници што треба да бидат ослободени.

Хамас, исто така, рече дека нема доволно пратки со хуманитарна помош до Газа според договорот, но испораката беше извршена по посредство во последен момент на Катар и Египет.

Израел негираше дека ги прекршил условите од договорот, кој денес влезе во четвртиот ден. Во саботата вечерта, толпа луѓе – вклучително и некои со зелено знаме на Хамас – го поздравија автобусот со ослободените Палестинци додека се движеше низ Западниот Брег, каде што првично беа вратени затворениците.

Меѓу нив имало шест жени, додека сите други биле на возраст под 18 години. Меѓу нив беше и Мохамад дар-Дарвиш, кој седум месеци беше задржан во израелски затвор под обвинение дека фрлил бомба врз војниците. Тој ги негира обвинувањата.

Во изјава за „Би-Би-Си“, тој тврди дека палестинските затвореници биле малтретирани по нападот на 7 октомври. Израелската затворска служба, пак, уверува дека се однесувала кон затворениците во согласност со правилата.

Израел состави список од 300 палестински затвореници, главно тинејџери, кои се подобни за ослободување според договорот со Хамас. Повеќето од нив се во затвор и чекаат судење, а помалку од четвртина од луѓето на списокот се осудени.

Меѓу ослободените возрасни жени беше Исраа Џабис, која беше осудена на 11 години затвор во 2015 година кога нејзиниот автомобил се запали на 1,5 километри од контролен пункт на Западниот Брег. Израел обвини дека се работи за обид за бомбашки напад со автомобил и таа е осудена, но денес 38-годишната Исраа Џабис ги негира обвиненијата, а нејзиното семејство претходно тврдеше дека пожарот бил предизвикан од дефект на моторот.

Таа се здобила со тешки изгореници на лицето откако се запалил моторот на автомобилот, но израелските затворски власти ги одбиле барањата за операција. Откако била ослободена по отслужување на осум години од затворската казна, таа била фотографирана како го гушка својот син Муатасим (15), кој во моментот на апсењето на мајка му имал осум години.

Некои од ослободените според договорот за прекин на огнот се затвореници кои сè уште биле деца кога биле уапсени. Мара Бејкер била осудена на осум и пол години затвор за прободување на граничен полицаец кога имала 16 години.

По враќањето кај нејзиното семејство во Источен Ерусалим, таа рече: „Емотивна сум, тоа е многу добро чувство“. Таа вели дека за нејзиното ослободување дознала само неколку часа пред тоа да се случи.

23-годишната Нурхан Авад отслужи осум години од нејзината 10-годишна затворска казна пред да биде ослободена во саботата. Таа беше осудена за прободување со нож во Ерусалим, а полицијата ја застрела при апсењето. Нејзиниот братучед бил застрелан и убиен при апсењето.

Таа беше снимена како трча до нејзиното семејство на Западниот Брег, откако беше ослободена и рече дека ќе го посети гробот на нејзиниот роднина пред да се врати дома.

Друга група израелски заложници – сите жени и деца – беа ослободени од Газа во саботата вечерта. Повеќе затвореници и заложници беа ослободени во неделата како дел од договорот.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK