Најмалку 126 лица загинаа во силниот земјотрес што денеска ги погоди подножјето на Хималаите во близина на едно од најсветите места во Тибет, објавија кинеските власти.
Земјотресот со јачина од 7,1 степен се случи на околу 80 километри северно од Монт Еверест, највисокиот врв на светот, а беше почувствуван и во соседните земји Непал, Бутан и Индија.
Земјотресот најсилно го погоди тибетскиот регион Шигаце, каде живеат околу 800.000 луѓе. Регионот е управуван од истоимениот град, традиционалното седиште на Панчен Лама, една од најважните фигури во тибетскиот будизам.
Бројни куќи во областа се срамнети со земја, покажуваат снимките од службите за итни случаи на Тибет. Ситуацијата дополнително ја комплицираат ниските температури од -6 степени, кои во текот на ноќта би можеле да паднат и до -16.
Покрај досегашните 126 загинати, повредени се и 188 лица. Далај Лама, духовниот водач на Тибет, кој беше протеран во 1959 година со илјадници тибетански бегалци кои бегаа од кинеските комунистички власти, рече дека е длабоко тажен од веста.
Повеќе од 1.500 локални пожарникари и спасувачи се испратени во погодените области, јави кинеската новинска агенција Ксинхуа.
Југозападните делови на Кина, Непал и северна Индија често се погодени од земјотреси предизвикани од судирот на индиската и евроазиската тектонска плоча.
Во 2015 година, Непал беше погоден од земјотрес со јачина од 7,8 степени според Рихтер, одземајќи околу девет илјади животи.
Непалската национална управа за намалување и управување со ризици од катастрофи соопшти дека потресите биле почувствувани во седум ридски области кои граничат со Тибет.
Многу села во непалската погранична област се ретко населени и доста оддалечени, а до нив може да се стигне само пеш.
На 20 километри од епицентарот се три града и 27 села. Таму живеат вкупно околу 6.900 жители, објави Ксинхуа.