Годинешната реколта во Германија во најдобар случај ќе биде просечна, проценуваат експертите, предупредувајќи на обилни врнежи во изминатите две недели.
– Зимската жетва на јачмен е главно завршена, но се собраа помалку од една петтина пченица, ’рж и тритикале (хибриден сој на пченица и ’рж, соопшти Германското здружение на фармери (ДБВ).
Експертите во моментов очекуваат родот во најдобар случај да биде просечен, објаснувајќи дека е собрана само околу половина од зимската канола, што сигнализира малку потпросечен род.
Според земјоделците за да се подобри состојбата потребно е постабилно и пред сè посуво време во следните неколку недели.
Светските пазари на жито во моментов се под притисок поради војната во Украина, важен светски производител на жито. Борбите на истокот и југот на Украина го отежнаа сеењето и бербата.
Украинската асоцијација на трговци со жито (УГА) вчера ја зголеми процената за овогодишниот род на жита и маслодајни култури за повеќе од 10 проценти, истакнувајќи ги поволните временски услови и добрите приноси, со намалена засеана површина.
УГА предупреди и дека извозот во новата сезона 2023/2024 г. зависи од континуираните испораки преку пристаништата на Црно Море и подобрената логистика на алтернативните рути, вклучувајќи го и Дунав.
Извозот преку Црното Море беше блокиран по истекот на договорот, со кој беа воспоставени безбедни коридори. Во средината на јули Русија одби да го продолжи, тврдејќи дека не се почитувани одредбите за олеснување на санкциите против Москва со цел да се дозволи извоз на руски житарки и ѓубрива.
Германија е исто така важен светски производител на пченица и други житарки, иако нејзиниот извоз е половина од оној на Украина.