„Германската економија стагнира, додека другите земји почнаа да растат“

Screenshot-2024-09-05-175447.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Економијата на Германија оваа година ќе стагнира, по благиот пад во 2023 година, а закрепнувањето ќе биде послабо од очекуваното, покажуваат прогнозите на Институтот за економски истражувања (ifo).


„Германската економија е заглавена во криза, со негативно влијание и на економските и на структурните фактори. По падот од 0,3 отсто минатата година, ценовно прилагодениот бруто-домашен производ веројатно ќе стагнира оваа година“, наведува ifo во своите есенски прогнози..

„Индустриската активност и личната потрошувачка многу бавно излегуваат од стагнација“

Според нив, активноста треба да се зголеми за 0,9 отсто во 2025 година, а за 1,5 отсто во 2026 година, пресметаа тие. Во летниот извештај прогнозираа дека годинава ќе се зголеми за 0,4 отсто, а во 2025 година за 1,5 отсто.

„Спротивно на очекувањата, индустриската активност и личната потрошувачка многу бавно излегуваат од стагнација“, забележува институтот.

Извозниот бизнис се потпира на позитивните движења во светската економија, но компаниите веројатно ќе продолжат да бидат попречени од слабата конкурентност, сметаат тие.

„Ситуацијата е малку подобрена во текот на изминатите 12 месеци благодарение на пониските трошоци за енергија, но германските компании сè уште веруваат дека се во значително полоша позиција во конкуренција на европските и неевропските пазари отколку компаниите во другите европски земји“, наведува институтот.

Германската економија стагнира додека другите земји почнаа да растат, истакна економистот на ifo, Тимо Волмершаузер, припишувајќи ја стагнацијата на Германија на „структурната криза“.

Премалку е инвестирано во индустријата, а продуктивноста стагнира со години, рече Волмершаузер, обвинувајќи ја промената од индустријата во услужниот сектор.

Деловните модели се истовремено под притисок поради климатските промени, дигитализацијата, демографијата, пандемијата, цените на енергијата и новата улога на Кина во глобалната економија, додаде тој, издвојувајќи ја кризата во деловниот циклус што се манифестираше во слабата побарувачка и тенденцијата на граѓаните да штедат.

Невработеноста годинава треба да се зголеми на шест отсто, од 5,7 отсто во 2023. Во следната година би требало повторно благо да ослабне, прогнозираат тие.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK