Германија за првпат во историјата доби стратегија за национална безбедност

germanija
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Германската влада денеска ја претстави првата сеопфатна стратегија за национална безбедност која ги опфаќа сите ресори, а не само Министерството за одбрана.

– За првпат во историјата на нашата земја изготвивме стратегија за национална безбедност. Тоа е важен придонес за зголемување на безбедноста на германските граѓани, особено во променетите околности по нападот на Русија врз Украина и саботажата на гасоводот Северен тек, изјави германскиот канцелар Олаф Шолц при претставувањето на стратегијата, која претходно беше прифатена на редовната седница на Владата.



– Денешна Русија е убедливо најголемата закана за мирот и безбедноста во евроатлантската област, рече Шолц.

Тој објасни дека отсега прашањето за националната безбедност ќе се распределува меѓу неколку министерства и повеќе нема да биде само надлежност на Министерството за одбрана.

– Сите средства и инструменти мора да дејствуваат на координиран начин за одбрана на земјата од надворешни напади, рече Шолц и заклучи дека без безбедност „нема стабилност ниту благосостојба“.

Стратегијата заеднички ја претставија канцеларот Олаф Шолц (Социјалдемократска партија на Германија, СПД) и министерката за надворешни работи Аналена Бербок (Зелените), министерката за внатрешни работи Ненси Фезер (СПД), министерот за одбрана Борис Писториус (СПД) и министерот за финансии Кристијан Линднер (Либерално-демократска партија ФДП).

Стратешкиот документ предвидува спојување на надлежностите во одбраната од внатрешни и надворешни закани и е поделен во три тематски целини. Првата е способноста за одбрана, која вклучува координација на вооружените сили и цивилната заштита, потоа издржливоста на општеството, односно способноста за одржување на уставниот поредок без надворешна зависност и одржливост.

Министерката за надворешни работи Бербок рече дека предизвиците за безбедноста на германските граѓани се протегаат низ сите области на животот.

– Ова се однесува на прашањето за снабдување со лекови, за безбедноста од кибер напади, сè до снабдувањето со вода за пиење, рече Бербок.

Таа додаде дека успехот на безбедносната стратегија зависи и од поддршката на целото општество, од општините, болниците и компаниите. Меѓу другото, задача на стопанството би била да се грижи да има доволно количество клучни суровини.

– Нападот на Русија врз Украина ни покажа дека мирот и безбедноста не се вредности што паднале од небо, туку мора да се грижиме за нив, рече Бербок.

Министерот за финансии Кристијан Линднер нагласи дека безбедноста на Германија има и финансиска димензија.

– Фискалните резерви во време на криза овозможуваат дејствување, што се покажа за време на пандемијата на коронавирус и шокот поради наглото зголемување на цените на енергијата, рече Линднер.

Коалициската влада на социјалдемократите, зелените и либералите ја вклучи стратегијата за национална безбедност во својот коалициски договор, кој беше потпишан неколку месеци пред рускиот напад врз Украина.

Опозициската Христијанско-демократска унија ЦДУ/ЦСУ ја критикуваше стратегијата за национална безбедност во оваа форма и бара воведување на Совет за национална безбедност кој, доколку е потребно, подобро ќе ги координира активностите на федерално ниво и на ниво на сојузни покраини и општини.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK