Сегашната ситуација на бојното поле е тешка, но Вооружените Сили на Украина имаат иницијатива. Сѐ оди според план. Ние реагираме на промените во ситуацијата на бојното поле и ги правиме потребните прилагодувања. Военото разузнавање на Украина ги разоткрива намерите на непријателот, а Силите за одбрана ги нарушуваат. Ние анализираме и нанесуваме удари онаму каде што руските окупатори трпат значителни загуби, вели во ексклузивно интервју за ЦИВИЛ Медиа, генерал мајор Вадим Скибицкиј, еден од највисоките претставници на Военото разузнавање на Украина.
– Признаваме дека непријателот добро се закрепи на окупираните украински територии: големи мински бариери, неколку линии на фортификациони објекти – сето ова, се разбира, има свое влијание врз темпото на нашето напредување. Меѓутоа, на оние кои сметаат дека Украина е премногу бавна за време на офанзивата, ќе им кажам дека војната не е спортско натпреварување. Динамиката на воените дејствија зависи од исклучително многу фактори, вклучително од достапноста на силите и средствата неопходни за извршување на борбените задачи, истакнува Скибицкиј.
Посочува дека им е потребна муниција, повеќе средства за противвоздушна одбрана, возила за деминирање и прецизно оружје со долг дострел.
– Во овој контекст, ние сме многу благодарни што Северна Македонија, заедно со сите други држави, стои на страната на Украина и не престанува да обезбедува помош за заштита на украинскиот народ, нашиот континент и нашите заеднички вредности на слободата, вели Скибицкиј.
Нагласува дека руската агресија од големи размери имала за цел Блицкриг – брзо заземање и потчинување на цела Украина, но и покрај некои тврдења дека Украина нема да издржи долго, сепак, „агресорот доби удар по забите“.
– Ние ќе продолжиме сѐ додека тој не го исплука и последниот песјак. И главната работа тука не е толку брзината, колку неочекуваноста и прецизноста на ударот. Нашите дејствија на бојното поле се насочени кон онеспособување на непријателот – пресекување на патиштата за снабдување, уништување на магацини со оружје, победа во контра-артилериски битки, уништување на нивните средства за разузнавање и противвоздушна одбрана. Работиме во сите димензии на војната, а комбинацијата на успеси во секоја од нив ќе го донесе посакуваниот резултат. Па така, Украина е во офанзива, и ќе има успех, оценува Скибицкиј.
Тој во интервјуто открива низа помалку познати и непознати детали за руската агресија и пропагандна војна. Зборува за динамиката и природата на воените дејствија, колку се моќни, што се случи и што се случува со пригожиновите вагнерци, како и за вооружените бунтовнички групи на руска територија.
Целосното интервју со генерал мајор Вадим Скибицкиј може да се прочита на: civilmedia.mk