Министрите за надворешни работи на Г7 ги повикаа јеменските шиитски бунтовници Хути „веднаш да престанат“ со заканите по поморскиот сообраќај и да го ослободат екипажот на товарниот брод киднапиран во Црвеното Море пред 10 дена.
„Ги повикуваме сите страни да не го загрозуваат или спречуваат правото и слободата на навигација на сите бродови. Особено, ги повикуваме Хутите веднаш да престанат со нападите врз цивили и заканите за меѓународните водни патишта и трговските бродови и да го ослободат бродот „Галакси Лидер“ и неговиот екипаж киднапирани на 19 ноември“, се вели во соопштението на Г7.
Хутите, сојузници на Иран, го киднапираа трговскиот брод и неговиот 25-член екипаж како одмазда за израелската војна против Хамас во Газа, предизвикана од невидениот крвав напад на исламистичкото движење врз Израел на 7 октомври.
Бродот „Галакси Лидер“ е управуван од јапонска компанија, но припаѓа на британска бродска компанија во сопственост на израелски бизнисмен.