На последниот ден од судењето, Французинот кој донесе десетици мажи да ја силуваат неговата сопруга, Доминик Пеликот, му се обрати на семејството и се извини и постојано бараше прошка од неговата сега веќе поранешна сопруга, неговите три деца и седум внуци.
„Се каам што направив и што претрпеа поради мене. Никогаш нема да можам да го вратам долгот кон моето семејство“, рече Пеликот, додавајќи дека губењето контакт со неговото семејство е полошо од затворот. Тој му рекол на своето семејство: „Ве сакам, остатокот од мојот живот е во ваши раце. Ова е последен пат да барам да ми простите“.
Доминик Пелико призна дека ја дрогирал својата сопруга меѓу 2011 и 2020 година и дека поканил повеќе од 70 непознати да ја силуваат и сексуално да ја злоставуваат во нивниот дом во селото Мазан на југот на Франција. Државниот правобранител побара да му биде изречена максимална казна од 20 години.
На обвинителна клупа со него се 50 мажи обвинети за силување или сексуално злоставување на Жизел додека таа била во несвест. Нејзиниот сопруг ставил лекови против анксиозност и апчиња за спиење во нејзиното вино и храна.
Судијата потврди дека против Пеликот е побарана максимална казна затвор од 20 години, додека за останатите обвинети кои до шест пати го посетиле домот на Пеликот се барани казни од 10 до 18 години. Еден обвинет, кому му се судеше за сексуална злоупотреба, се соочува со минимална казна затвор од 4 години.
По завршувањето на рочиштата, судот ќе ја прекине расправата, а пресудата која со нетрпение се чека, ќе биде објавена најрано во четврток.
Ова судење, кое разоткри децениска систематска злоупотреба, веќе се оценува како едно од најважните судења во историјата на француското правосудство. Пресудата може да послужи како преседан за слични случаи и дополнително да го обликува социјалниот дијалог за сексуалното насилство и правдата.