САД ќе распоредат дополнителни воени бродови и борбени авиони на Блискиот Исток за да помогнат во одбраната на Израел од можни напади од Иран и неговите прокси групи, соопшти Пентагон.
Тензиите во регионот остануваат високи по атентатот на лидерот на Хамас Исмаил Хани во Иран и клучен командант на либанската милитантна група Хезболах.
САД испраќаат носач на авиони, борбена ескадрила и дополнителни воени бродови на Блискиот Исток во очекување на иранската одмазда, јавуваат светските агенции.
Како што јави Си-Ен-Ен, ова се најголемите маневри на американските сили во тој регион од првите денови на војната во Газа, кога Пентагон испрати две групи носачи на авиони на Блискиот Исток. Тоа беше очигледно предупредување до регионалните милитантни групи под покровителство на Иран да не ги шират борбите.
Силите за противракетна одбрана се ставени во состојба на висока готовност за распоредување, соопшти Пентагон, додавајќи дека нивната посветеност на одбраната на Израел е „железна“.
Иранскиот лидер ајатолахот Хамнеи вети „строга казна“ против Израел за убиството на Ханије.
Лидерот на Хамас беше убиен во средата во Техеран. Иран и Хамас го обвинија за нападот Израел, кој не го коментираше случајот.
Ханије (62) се сметаше за генерален лидер на Хамас и одигра клучна улога во преговорите насочени кон постигнување примирје во војната во Газа.
The U.S. is sending a carrier strike group, a fighter squadron and additional warships to the Middle East as the region braces for an Iranian retaliation to the killing of a senior Hamas leader in Tehran.https://t.co/75BW6haIUE
— Kaitlan Collins (@kaitlancollins) August 2, 2024
Неговата смрт дојде само неколку часа откако Израел тврдеше дека го убил Фуад Шукр, главниот воен командант на иранскиот полномошник во Либан, Хезболах.
Пентагон: САД ќе воведат промени кога станува збор за американските сили на Блискиот Исток
Претходно, американскиот секретар за одбрана Лојд Остин го информираше Израел за сегашните и идните промени кога станува збор за американските сили на Блискиот Исток, објави Пентагон.
Како што се наведува, Остин се уште нема донесено конечна одлука за тоа кои сили ќе ги распореди, пренесува Ројтерс.
Официјални лица изјавија за британската агенција дека се разгледуваат широк спектар на опции, вклучувајќи авионска и поморска инфраструктура.
– Остин го информираше министерот за дополнителни мерки за вклучување на сегашните и идните промени во одбранбените сили што Министерството ќе ги преземе за поддршка на одбраната на Израел – изјави портпаролката на Пентагон Сабрина Синг по разговорот меѓу Остин и израелскиот министер за одбрана Јоав Галант.
Според неа, Остин му ветил на Галант, а американскиот претседател Џо Бајден му ветил на премиерот Бенјамин Нетанјаху дека САД ќе ја зајакнат заштитата на своите сили во регионот.
Синг рече дека САД не сакаат поширок регионален конфликт и не веруваат дека ескалацијата е неизбежна.
За време на средбата со Нетанјаху во четвртокот, американскиот претседател Бајден обрна внимание на новото распоредување на американската војска за да се спротивстави на иранските закани поради атентатот на политичкиот шеф на Хамас Ханије во иранската престолнина.
Се’ повеќе авиокомпании ги откажуваат летовите за Израел и Либан
Сè поголем број авиокомпании го избегнуваат иранскиот и либанскиот воздушен простор и ги откажуваат летовите кон Израел и Либан, пишува Ројтерс, при што расте загриженоста поради можниот конфликт во регионот по убиството на високи претставници на Хамас и Хезболах претходно оваа недела.
Грчката авиокомпанија Aeгеан, полскиот Лот, холандската KЛМ се последни од компаниите кои ги прекинаа летовите кон Израел, поради можни напади од Иран.
Холандската и грчката авиокомпанија ги откажаа летовите до 6 август, а полската авиокомпанија до 9 август.
Туркиш ерлајнс го одложи вечерашниот лет за Иран поради тензиите меѓу Израел и Иран.
Сингапур ерлајнс утринава престана да лета низ иранскиот воздушен простор и користи алтернативни рути, наведувајќи ја безбедноста како приоритет.
Компанијата од Тајван, ЕВА Ер, како и Чајна ерлајнс денеска исто така го избегнуваат иранскиот воздушен простор за летови до Амстердам кои претходно се одвиваа преку Иран, покажуваат податоците на веб-страницата Флајтрадар24.
Авиокомпаниите се уште не коментираат за промената на линиите.
„Избегнувајте го иранскиот и ирачкиот воздушен простор“
Групата за информации за ризик за летови OPSGRUP ги советуваше авионите што летаат меѓу Азија и Европа да го избегнуваат иранскиот и ирачкиот воздушен простор, еден ден откако извори за Ројтерс изјавија дека највисоките ирански претставници ќе се сретнат со претставниците на регионалните сојузници на Иран во Либан, Ирак и Јемен за да ја разгледаат можна одмазда против Израел.
Во изминатите два дена „Ер Индија“, „Луфтханза“, американските компании „Јунајтед ерлајнс“ и „Делта ер“, како и италијанската ИТА Ервејс објавија дека ги прекинале летовите кон Тел Авив.
Некои компании ги откажаа и ги одложија летовите за Бејрут оваа недела, по нападот на стадионот на Голанската висорамнина, за кој Израел го обвини либанскиот Хезболах.
На Израелците им e кажано да ги исчистат и подготват своите засолништа од бомби
Во услови на зголемени регионални тензии, на Израелците им беа дадени насоки што да прават во случај на напади врз земјата.
Општината Ерусалим издаде инструкции до луѓето што да прават во случај градот да биде нападнат, дистрибуирајќи известување со список на засолништа од бомби.
Се вели дека жителите треба однапред да ги исчистат и подготват своите засолништа и да бидат способни до нив да дојдат за 90 секунди.
На жителите им се советува и да складираат доволно вода и храна за три дена и покрај лекови да купат батерии и батериски ламби.
„Жителите треба да бидат подготвени за прекини на струја кои би можеле да траат неколку дена. Тие, исто така, треба да бидат подготвени да останат во засолништа за бомби неколку дена“, се вели во известувањето.
Во мреѓувреме, супермаркетите известуваат за скок во продажбата на основни продукти.
Израелскиот синџир супермаркети Виктори соопшти дека продажбата на некои стоки е зголемена за 30%, во споредба со редовната продажба.
За CNN изјави дека луѓето најмногу купуваат конзервирана храна, житарки, тестенини, тоалетна хартија, замрзнато месо, флаширана вода и хигиенски марамчиња.