Генералното обвинителство на Русија ги прогласи за непожелни активностите на фондацијата на холивудскиот актер Џорџ Клуни во Руската Федерација.
„Дејноста на странската невладина фондација (Clooney Foundation for Justice) кај нас беше прогласена за непожелна. Невладината организација е основана во Њујорк од актерот Џорџ Клуни и неговата сопруга, која себеси се смета за правник од областа на меѓународното право“,се наведува во соопштението.
Се додава дека фондацијата „работи со цел да ја дискредитира Русија“.
„Активно поддржува лажни патриоти кои ја напуштиле земјата, членови на забранети екстремистички здруженија и терористички организации. Криејќи се зад хуманитарните идеи, тие промовираат иницијативи за кривично гонење на највисокото раководство на Русија, јавно ширејќи негативни псевдо-експертски оценки на руското законодавство за странски агенти и невладини организации“, соопштија од Генералното обвинителство на Русија.