Европејците одлучуваат кој може да влезе во Европа, а не шверцерите, изјави денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во Гранада, каде што учествува на неформалниот самит на ЕУ на кој доминираат темите за миграција и проширување на блокот.
„Ова мора да биде јасно. Имаме меѓународни обврски, ги исполнуваме, тоа го правевме во минатото и го правиме сега. Но, ние како Европејци одлучуваме кој и под кои околности доаѓа во Европа, а не шверцерите“, нагласи таа.
„Колку сме подобри со законските рути и хуманитарни коридори, ќе можеме и ќе мора да бидеме построги со враќањето на оние кои не ги исполнуваат условите за азил“, рече Фон дер Лејен.
Договорот ја претставува заедничката позиција на земјите-членки врз основа на која ротирачкото претседателство ќе преговара за конечниот текст на законот со Европскиот парламент. Унгарија и Полска го критикуваа договорот, а најостар, како што пренесуваат медиумите во регионот, беше унгарскиот премиер Виктор Орбан кој рече дека Будимпешта и Варшава биле принудени да прифатат нешто против и дека ќе биде невозможно да се постигне конечен договор за миграцијата.
„Од правен аспект, ние сме силувани. Ако сте законски силувани и принудени да прифатите нешто што не ви се допаѓа, како е можен компромис? – изјави Орбан.
Предлогот за регулатива за кризни состојби во случај на голем прилив на мигранти, меѓу другото, предвидува и брзо активирање на механизам на солидарност со земјите на надворешните граници на ЕУ кои се соочени со голем прилив на мигранти, според кој другите земји-членки би прифатиле одреден број од овие лица или би дале финансиски придонес. Словачка сега се соочува со овој проблем. Во таа земја од почетокот на годинава влегле 40.000 илегални мигранти.
Чешка, Полска и Австрија одлучија да воведат привремена гранична контрола со Словачка. Овие контроли се во сила до 13 октомври, но може да бидат продолжени. Реакцијата на Братислава беше да воведе свои привремени контроли долж границата со Унгарија.