Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во Сплит, Хрватска, изјави дека проширувањето е во интерес на ЕУ и дека тоа треба да им се објасни на европските граѓани и на земјите членки.
„Мораме да соработуваме со земјите кандидати, тие треба да го заслужат членството, мора да спроведат структурни реформи и да се усогласат со Европската унија“, рече Урсула фон дер Лајен во Сплит, каде што учествува на студиските денови на Европската народна организација.
Таа смета дека е многу важно да им се објасни на европските граѓани и земјите-членки дека проширувањето е во интерес на ЕУ, „особено имајќи го предвид поопасното и понепредвидливото геополитичко опкружување“, пренесе агенцијата Хина.
Таа нагласи дека Хрватска е успешна европска приказна и дека тоа сега треба да се „повтори со сегашните кандидатки“, врз основа на нивните заслуги во реформскиот процес.
Зборувајќи за политиката за миграција и азил, таа рече дека „граѓаните со право очекуваат дека Европа е таа која одлучува кој доаѓа и под кои услови, а не криумчарите и трговците на луѓе“.
Претседателот на ЕПП, Манфред Вебер, го истакна приоритетот на миграцијата, велејќи дека треба да има и хуманитарен пристап за помош на оние на кои им е потребна.