„Фајненшл Тајмс“: Маск сака да го собори британскиот премиер

ilon-mask.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Милијардерот Илон Маск одржал приватни разговори со сојузниците за можните начини за соборување на британскиот премиер Кир Стармер пред следните општи избори, објави Фајненшл тајмс.


Маск, најбогатиот човек на светот и близок соработник на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, минатиот месец ја поддржа германската антиимигрантска партија пред изборите закажани за февруари и постојано ја коментираше британската политика, барајќи оставка од премиерот Кир Стармер.

Маск размислувал како тој и неговите сојузници би можеле да ја дестабилизираат лабуристичката влада и побарал информации за градење поддршка за алтернативните британски политички движења за да се урне владата, се вели во извештајот на весникот, цитирајќи луѓе запознаени со ова прашање, пренесува Ројтерс.

Маск не одговори на барањето на Ројтерс за коментар.

„Неговиот став е дека самата западна цивилизација е под закана“, изјави еден извор за весникот.

Маск претходно го обвини Стармер дека не ги гонел групите мажи кои силувале млади девојки додека Стармер бил главен британски обвинител меѓу 2008 и 2013 година.

Маск треба да биде домаќин на лидерката на партијата Алтернатива за Германија, Алиса Вајдел во интервју во живо на социјалната мрежа „Икс“ во четврток. Најавено е дека ќе разговараат за слободата на говорот и други теми по поддршката на технолошкиот милијардер за германската крајнодесничарска партија на претстојните општи избори во Германија, пренесе ДПА.

Германската партија поддржана од Маск е означена како десничарска и екстремистичка од германските безбедносни служби. Кампањата на извршниот директор на Теска за „АДФ“, во комбинација со навреди кон врвни германски политичари, со недели е извор на контроверзии. Критичарите го обвинуваат дека го искористил својот огромен дострел за да влијае на исходот од изборите во Германија на 23-ти февруари.

Пораките на Маск на „Икс“ допираат до повеќе од 210 милиони корисници ширум светот. Претходно оваа недела, норвешкиот премиер Јонас Гар Стоере изрази загриженост за мешањето на Маск во политиката на другите земји, а со него се согласија и францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK