Норвешка ќе инвестира 268 милиони евра во зајакнување на противвоздушната одбрана на Украина, објави денес владата во Осло, наведувајќи дека целта е да му се помогне на Киев да се одбрани од руските балистички ракети.
Според најавата на норвешките власти, Норвешка заедно со Данска, Германија и Канада ќе ја финансираат набавката на нови ракети за системот „Патриот“, кои ќе бидат нарачани директно од американскиот производител. Станува збор за продолжување на воената поддршка на западните сојузници на Украина во време кога воздушните напади се уште се еден од клучните предизвици на фронтот.
Одлуката доаѓа по апелот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој на самитот на НАТО во Турција ги повика европските партнери да ги зголемат испораките на системи за противвоздушна одбрана.
„Способни сме сами да направиме сè друго, но кога станува збор за воздушна одбрана, ни е потребна помош од нашите партнери – рече Зеленски.
Системите „Патриот“ се сметаат за едно од најсовремените средства за пресретнување на балистички и крстосувачки ракети, а нивната набавка е еден од приоритетите на украинските власти долго време.
Новата норвешка инвестиција покажува дека европските земји продолжуваат да инвестираат во зајакнување на воздушната одбрана на Украина, а во исто време бараат нови начини за обезбедување континуирано снабдување со системи и муниција во услови на продолжен конфликт, анализираат медиумите.
Фото: ЕПА