Европската Унија испраќа тим експерти во Ерменија за да се спротивстави на руската пропаганда и мешање, зголемувајќи ја поддршката за поранешната советска република во политички напнато време. Во потег со силна симболика, лидерите на ЕУ ќе го одржат својот прв самит со Ерменија во вторник, веднаш по паневропскиот состанок на 45 лидери во Ереван како дел од европската политичка заедница, објавува „Гардијан“.
Се очекува ерменскиот премиер Никол Пашинјан и лидерите на ЕУ Урсула фон дер Лајен и Антонио Коста официјално да го поддржат основањето мисија за борба против странското мешање во Ерменија на самитот во Ереван. На состанокот ќе се дискутира и за енергетиката, транспортот и економската поддршка.
ЕУ формира тим од 20 до 30 цивилни експерти за двегодишна мисија со седиште во Ерменија, со цел зајакнување на отпорноста против руските кибернапади, манипулација со информации и други форми на мешање, како и борба против нелегалните финансиски текови. Почетокот на мисијата, чиј број на персонал и времетраење може да се зголемат, е закажан по парламентарните избори на 7 јуни.
Независно од тоа, службата за надворешна политика на ЕУ објави формирање на „хибриден тим за брза реакција“ со краткорочна цел борба против странското мешање пред изборите, кои се сметаат за клучни за Ерменија да остане на во голема мера прозападен пат.
Шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, минатиот месец изјави: „Ерменците се соочуваат со масовни кампањи за дезинформации и сајбер напади. Кога ќе излезат на гласачки места во јуни, тие мора да ја изберат иднината на својата земја“.
Висок функционер на ЕУ го опиша претстојниот самит како „клучна пресвртница во нашите односи“ и „симбол на постепеното и бавно географско преориентирање на Ерменија кон Западот“. Брисел се стреми да ги подобри транспортните врски и зелената транзиција во Ерменија и започна разговори што на крајот би можеле да им дозволат на Ерменците да патуваат без визи во ЕУ за кратки престои.