– Советот на ЕУ донесе одлука да воведе рестриктивни мерки против седум поединци и пет субјекти од Русија, кои се посочени како одговорни за „спроведување кампања за манипулација со дигитални информации“ со цел искривување на информациите и шириње пропаганда за поддршка на руската војна против Украина.
Како што соопшти ЕУ, оваа кампања за манипулации, во која учествуваат руски владини институции или субјекти поврзани со Русија, се спроведува преку измислени профили на социјалните медиуми и преку лажни веб-страници, кои го узурпираат идентитетот на познати национални медиуми или владини сајтови.
– Оваа координирана и целно насочена манипулација со информации е дел од пошироката хибридна кампања на Русија против ЕУ и нејзините земји членки, се посочува во соопштението.
Прва на листа на санкционирани е руската новинска агенција Инфорос и тројца од нејзините основачи, за кои се тврди дека се поврзан со руската воена разузнавачка служба ГРУ и дека стојат зад над 270 медиумски онлајн изданија кои „шират пропаганда за поддршка на руската агресивна војна против Украина“.
Покрај, кон Инфорос, санкции се воведени и кон руската непрофитна организација „АНО Дијалог“, за која се тврди дека е тесно поврзана директно со Кремљ, потоа кон Институтот на руската дијаспора, кон две ИТ компании од Русија, како и кон и четворица „истакнати претставници“ на овие субјекти.
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел изјави дека санкциите се насочени кон оние кои манипулираат со информации и се дел од пошироката хибридна кампања на Русија против Унијата.
– Со ова испраќаме јасен сигнал дека знаеме како тие манипулираат со нашиот информативен простор и како функционираат. Ние сме силно посветени на нашата решеност да ги спречиме и одвратиме овие закани и ефикасно да им одговориме со нови инструменти, додаде Борел.
Во текот на изминатите месеци, ЕУ воведе санкции кон околу 1.800 физички и правни лица, поради нивните активности за „поткопување или загрозување на територијалниот интегритет, суверенитет и независност на Украина“. На санкционираните им е замрзнат имотот на територијата ЕУ и е забрането да ми се испраќаат средства, а на физичките лица дополнително им се забранети патувања, влез или транзит на територијата на Унијата.