Францускиот сателитски оператор „Еутелсат“ потврди дека е во напредни преговори со Европската унија за зголемување на достапноста на сателитски интернет во Украина, потенцијално заменувајќи го „Старлинк“ на Илон Маск.
Оваа иницијатива беше покрената по намалувањето на американското финансирање за „Старлинк“ и политичкиот притисок од администрацијата на актуелниот американски претседател Доналд Трамп врз Украина, што предизвика загриженост кај украинските воени команданти за иднината на клучните комуникациски услуги.
Директорката на „Еутелсат“, Ева Бернеке, изјави за „Блумберг“ дека компанијата размислува да распореди околу 40.000 комуникациски терминали, приближно колку што Украина моментално користи преку „Старлинк“. Мрежата на „Еутелсат“ моментално вклучува 630 сателити во ниска орбита на Земјата и уште 35 во геостационарна орбита, а според „Ројтерс“ од 4 март 2025 година, на корисниците во Европа им обезбедува широкопојасен интернет брзини до 150 мегабити во секунда.
Вредноста на акциите на „Еутелсат“ се зголеми повеќе од трипати во последните неколку дена, зголемувајќи ја нејзината пазарна капитализација за повеќе од милијарда евра. Инвеститорите реагираат на стратешката промена кон европската автономија во сателитските комуникации. Ваквиот развој на настаните доаѓа во време кога односите меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и Трамп станаа напнати, доведувајќи ја во прашање иднината на Старлинк во Украина.
„Старлинк“, управуван од „Спејс Икс“ на Илон Маск, е од клучно значење за украинската војска од руската инвазија во 2022 година, овозможувајќи комуникација во реално време и контрола на бојното поле преку илјадници терминали. Но, во Украина расте загриженоста за можното нарушување на услугата, особено откако „Спејс Икс“ ја прошири соработката со американскиот Пентагон на побезбедна верзија на „Старлинк“ наречена „Старшилд“. Дополнителни сомнежи се поттикнати од политичките тензии меѓу САД и Украина околу стратешките суровини, пишува „Вашингтон пост“.
По спојувањето со британскиот „Уан Веб“ во 2023 година, „Еутелсат“ стана единствениот глобален конкурент на „Старлинк“ со сопствена мрежа на сателити во ниската орбита на Земјата. Сепак, терминалите на „Уан Веб“ се поскапи од оние на „Старлинк“ – нивната цена достигнува 10.000 долари – и тие се помалку достапни, според „Ројтерс“. Сепак, „Еутелсат“ веќе ги поддржува владините и институционалните комуникации во Украина и гледа можност за проширување, особено со поддршката на Франција и Велика Британија, кои заедно поседуваат речиси 25 отсто од капиталот на компанијата.
Европската комисија и лидерите на Франција и Обединетото Кралство ја истакнаа важноста од зајакнување на одбранбените способности на Европа, вклучувајќи го и развојот на сателитски системи како што се IRIS² и GOVSATCOM. Станува збор за проекти кои долгорочно би можеле да бидат алтернатива на постоечките услуги, но ќе бидат потребни уште неколку години за да станат целосно оперативни.