ЕУ одобри 90 милијарди евра за Украина, воведени се нови санкции врз Русија


13395435.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Земјите-членки на ЕУ формално одобрија заем од 90 милијарди евра за Украина и 20-тиот пакет санкции против Русија, објави кипарското претседателство. Вчера, амбасадорите на земјите-членки покренаа писмена постапка за усвојување на две одлуки, која беше завршена денеска попладне.


Двете одлуки, за заемот и за 20-тиот пакет санкции, досега беа блокирани од унгарскиот премиер во заминување Виктор Орбан, оправдувајќи го своето вето со наводно одложување на поправката на нафтоводот „Дружба“ од страна на Украина, кој ја снабдува Унгарија со руска нафта, а кој беше оштетен кон крајот на јануари во руски напад со беспилотни летала во западна Украина.

Украина во вторникот објави дека поправката е завршена, по што нафтата протече низ цевководот и треба да стигне до Унгарија во текот на денот.

Лидерите на земјите-членки се согласија за заемот за Украина на самитот во Брисел минатиот декември, но Унгарија последователно го блокираше усвојувањето на амандманот на буџетската регулатива, кој бара едногласност, а без кој ЕУ не може да подигне заем бидејќи европскиот буџет го гарантира заемот.

Две третини од заемот од 90 милијарди евра, или 60 милијарди, се наменети за воена помош, а 30 милијарди за поддршка на украинскиот буџет за да се обезбеди континуирано функционирање на државата и основните јавни услуги.

Украина треба да ги користи овие средства за купување оружје и опрема произведени во ЕУ, а надвор од неа само ако не се достапни во Европа.

Заемот за Украина беше одобрен врз основа на механизмот за „засилена соработка“ бидејќи не беше можно да се постигне согласност од сите земји-членки. Унгарија, Чешка и Словачка се откажаа и нема да учествуваат во исплатата на каматата.

Лидерите на земјите-членки одлучија за заедничко задолжување откако немаше консензус за користење на замрзнатите руски средства за заемот за репарација.

20-тиот пакет санкции ја вклучува основата за идна забрана за поморски услуги за руска нафта, која ќе се спроведува во целосна координација со Г7 и Коалицијата за ограничување на цените.

60 физички и правни лица кои го поддржуваат рускиот воен и индустриски комплекс во агресијата против Украина се додадени на листата на санкционирани лица. 20 кредитни или финансиски институции на кои се применува забраната за трансакции се, исто така, додадени на листата.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK