Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, изјави денеска, по пристигнувањето на состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ, дека земјите-членки на ЕУ ќе предложат санкции против одговорните за смртта на рускиот опозициски лидер, Алексеј Навални.
„И самиот Путин е одговорен“, изјави Борел пред новинарите во Брисел.
Тој нагласи дека ЕУ мора да продолжи да ги поддржува Украина и рускиот народ на политичкиoт и воениот фронт.
„Треба да испратиме порака за поддршка на руската опозиција“, рече Борел и посочи дека за време на денешната средба сопругата на Навални, Јулија Навални ќе испрати порака како да се поддржи политичката опозиција во Русија.
Во исто време, тој предложи министрите на ЕУ, во знак на почит кон Навални, режимот на санкции за кршење на човековите права да го преименуваат во „Режим за санкции за човекови права – Навални“, за, како што рече, неговото име засекогаш да биде впишано во работата на ЕУ за одбрана на човековите права.
Борел додаде дека ЕУ ќе продолжи да гледа како се одвива војната во Украина.
Тој изјави дека министрите за надворешни работи на ЕУ денеска ќе разговараат и за ситуацијата на Блискиот Исток и посочи дека претходно објавил изјава, која го претставува ставот на мнозинството, но не на сите земји-членки, и која бара Израел да не почне воена офанзива на Рафах.
„Воената операција не го достигна својот врв, но сите стравуваат дека тоа ќе се случи во наредните денови“, рече Борел и додаде дека 1,7 милиони луѓе биле турнати кон египетската граница.
Тој нагласи дека единственото решение е ослободување на заложниците и постигнување траен прекин на огнот, што би можело да овозможи барање политичко решение.
Посочи дека кога се разговара за војната во Појасот Газа, не смее да се заборави што се случува на Западниот Брег и рече дека неговиот предлог до земјите-членки е да преземат активности за санкционирање на насилните доселеници кои преземаат, како што наведе, „терористички акции против палестинскиот народ на Западниот Брег“.
Тој додаде дека се уште нема согласност од сите земји-членки, но дека ќе продолжи да се залага за осуда на она што се случува на Западниот Брег, каде состојбата врие.