Европската комисија предложи реформа на правилата за јавни набавки со која европските институции и јавни установи ќе се поттикнуваат да купуваат повеќе производи и услуги произведени во Европа, а при изборот на понудите поголемо значење ќе имаат квалитетот и други критериуми, наместо само најниската цена.
Како што пишува „Гардијан“, една од целите на реформата е зајакнување на европските компании во услови на силна конкуренција од Кина. Во Брисел сметаат дека сегашните правила често се толкуваат како обврска да се избере најевтината понуда, поради што договорите неретко завршуваат кај компании надвор од Европа.
Еврокомесарот за индустриска политика Стефан Сежурне изјави дека новите правила треба да им дадат поголема правна сигурност на јавните нарачатели при изборот на европски производи и услуги.
„Нарачателите ќе можат да им дадат предност на европските понуди и да ги ограничат или одбијат понудите од земји кои немаат договор за јавни набавки со ЕУ или не ги почитуваат обврзувачките меѓународни правила“, рече Сежурне.
Посебен акцент ќе биде ставен на квалитетот. Според предлогот, при утврдувањето на критериумите за доделување договор, квалитетот ќе треба да има тежина од најмалку 30 отсто или нарачателот ќе мора да образложи зошто тоа не е случај. Кај договорите кои бараат голем ангажман на работна сила, минималното учество на критериумите за квалитет ќе изнесува 50 отсто.
Покрај цената, ќе се земаат предвид и еколошката одржливост, локалните синџири на снабдување и условите за работа.
ЕУ проценува дека јавните набавки изнесуваат околу 15 отсто од БДП на Унијата, односно околу 2,6 билиони евра годишно. Брисел смета дека овој потенцијал досега не бил доволно искористен за поддршка на европската економија.
Предлогот треба да биде одобрен од Европскиот парламент и Советот на ЕУ, а текстот може да претрпи измени во текот на законодавната постапка.