Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави денеска дека односите на Турција со Израел се прекинати и додаде дека неговата земја е подготвена да започне прекугранични операции доколку се чувствува загрозена.
„Турција, предводена од Реџеп Таип Ердоган, не може да продолжи да ги развива односите со Израел. Во моментов немаме никакви односи со Израел. Не презедовме никакви чекори за да ги развиеме овие односи“, им рече тој на новинарите по враќањето од Азербејџан, јавува Си-Ен-Ен Турк.
Ердоган, исто така, изрази надеж дека Турција може да ги обнови врските со сирискиот претседател Башар ал Асад, што, според него, може да придонесе за намалување на регионалната тензија.
„Обновувањето на односите со Асад ќе биде корисно за намалување на тензиите во регионот“, рече тој, додавајќи дека се надева дека тоа ќе се случи во иднина.
Говорејќи за новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, Ердоган изрази загриженост за некои од пораките кои доаѓаат од неговата администрација, но нагласи дека се надева оти Трамп во текот на својот мандат ќе преземе чекори кои ќе имаат корист за Блискиот Исток.
„Се надевам дека Трамп ќе преземе различни чекори во регионот, бидејќи пораките што доаѓаат од негова страна повремено предизвикуваат загриженост“, рече тој.
Дополнително, Ердоган ја спомена можноста за идна соработка со извршниот директор на платформата Икс, Илон Маск, посочувајќи дека Турција би можела да соработува со познат бизнисмен во областа на технологијата доколку се укаже можност, пренесува Танјуг.
„Технологијата не е област која можете да ја развивате сами, неопходна е соработка. Доколку се појават можности, можеме да преземеме заеднички чекори со Маск“, заклучи Ердоган.