Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска по разговорот со претседавачот на Претседателството на БиХ, Денис Беќировиќ изјави дека Израел ќе одговара за злосторствата во Газа, споредувајќи ги со геноцидот во Сребреница.
„За жал, денес во Газа и на окупираните палестински територии сме сведоци на сличен масакр што беше извршен пред очите на целиот свет во Босна и Херцеговина во 1990-тите“, рече Ердоган, кој денеска го прими Беќировиќ во Истанбул.
Тој додаде дека Израел ќе биде кривично гонет за убиствата на повеќе од 41.000 Палестинци во Газа, вклучително и турскиот активист Ајсенур Езги Ејги, кој беше убиен на Западниот Брег минатата недела.
„Сторителите на геноцидот во Газа, како оние во Сребреница во 1995 година, ќе одговараат пред меѓународните судови“, рече Ердоган.
Тој потсети дека Турција ја спонзорирала Резолуцијата на ОН за осуда на геноцидот во Сребреница и дека таа земја се залага за стабилноста на Босна и Херцеговина. Тој ги повика властите во БиХ да се приклучат во борбата против движењето ФЕТО, сметајќи дека таа организација е терористичка.
Фето е движење на Фетулах Ѓулен, поранешен сојузник, а сега противник на претседателот Ердоган, кого го смета за виновен за обидот за воен удар во јули 2016 година. Беќировиќ рече дека пријателството меѓу Босна и Херцеговина и Турција е нераскинливо.
„Република Турција е докажан пријател на Босна и Херцеговина и една од најсилните членки на НАТО алијансата и затоа, меѓу другото, нејзината поддршка за Босна и Херцеговина е исклучително важна“, нагласи Беќировиќ.