Ердоган бара итни промени во ОН: „Газа е земја на палестинскиот народ, САД мора да прифатат“

Ердоган-бара-итни-промени-во-ОН-„Газа-е-земја-на.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека Обединетите нации и другите меѓународни организации се нефункционални.


„Сега е неопходно да се реформира структурата создадена по Втората светска војна. Постојаното членство и системот за вето во Обединетите нации треба да се сменат“, изјави Ердоган пред новинарите по враќањето од Саудиска Арабија, јави Анадолија.

Според него, иднината на светот и животот на луѓето не може да се остави на милост и немилост на пет земји со право на вето.

„Газа пред се’ е земја на палестинскиот народ. Америка мора да го прифати тоа“, рече Ердоган.

Претседателот на Турција изјави дека додека американскиот претседател Џо Бајден има пристап дека Газа не е земја на палестинскиот народ, туку земја на окупаторските доселеници и Израел, не е можно да се постигне договор.

„Сакам да започнам телефонска дипломатија (Израел-Палестина) по самитот во Ријад. Се надевам дека ќе почнеме интензивно“ нагласи тој.

Според него, Хамас не е терористичка организација.

„Тие се луѓе кои се борат да ја заштитат својата земја и се борат за својата татковина“, нагласи Ердоган, повторувајќи го тврдењето што го кажа неколку дена претходно.

Претседателот на Турција изјави дека меѓународната заедница треба да преземе мерки против масакрот, но дека Советот за безбедност на ОН повторно стана нефункционален.

Ердоган додаде дека Турција е земјата која нуди најприменливи предлози за решавање на проблемот.

„Турција е клучна земја за решавање на кризи и проблеми во регионот“, посочи тој.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK