Египетскиот претседател Абдел Фатах ел Сиси денеска се сретна со индискиот премиер Нарендра Моди, кој пристигна во дводневна посета со цел продлабочување на односите меѓу двете земји.
Египет и Индија имаат блиски односи кои датираат од 1950-тите кога двете земји одиграа клучна улога во основањето на Движењето на неврзаните.
Моди, кој вчера пристигна во Каиро, е првиот индиски премиер кој престојува во државна посета на Египет од 1997 година. Неговата посета доаѓа шест месеци откако Ел Сиси беше во Делхи како официјален гостин на прославите на Денот на независноста на Индија.
Ел Сиси утрово го пречека Моди во претседателската палата во Каиро. Тој на индискиот лидер му го додели Орденот на Нил, највисокиот државен орден во Египет.
Патувањето на Моди во Египет е фокусирано на зајакнување на билатералните врски меѓу Каиро и Њу Делхи. Индискиот премиер рече дека земјите се договориле да ја зголемат меѓусебната трговија во рок од пет години од 7,3 на 12 милијарди долари.
Индија е еден од првите пет увозници на египетски производи, вклучувајќи нафта, гас, сол и памук. Главниот индиски извоз во Египет вклучува памучно предиво, кафе, зачини, тутун, леќа, делови за возила, бродови, чамци и електрични машини.