Два вооружени беспилотни летала ја нападнаа ирачката воздухопловна база Аин ал Асад, каде што се стационирани американските сили, но нема жртви или штети, изјавија денеска безбедносни и владини извори во Багдад за Ројтерс.
Во понеделникот напад врз воздухопловната база Аин ал Асад, каде што се стационирани американски и други меѓународни сили во западен Ирак, беше извршен со четири ракети „Качуша“, соопштија безбедносни извори, а не се знае дали има жртви или штета во овој напад, според британската агенција.
Ракетите биле истрелани од пустинска област на околу 25 километри северно од базата, а ирачките безбедносни сили започнале потрага по напаѓачите, соопштија два безбедносни извори.
Нападите врз американските сили во Ирак се интензивираа откако на 7 октомври избувна конфликтот меѓу Израел и палестинскиот Хамас. Ирачките милитантни групи поврзани со Иран се заканија дека ќе ги гаѓаат објектите што ги користат САД со ракети и беспилотни летала доколку Вашингтон му помогне на Израел во војната против Хамас во Појасот Газа, според Ројтерс.