„Држи го јазикот за заби“: лидерите на ЕУ го предупредиле Зеленски да си ги намали очекувањата за брз влез во Унијата


ursula-zelenski-epa.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Силното инсистирање на украинскиот претседател Володимир Зеленски за брзо приклучување на Украина во Европската Унија создава тензии со европските престолнини, во момент кога Вашингтон ја преиспитува понатамошната поддршка за Киев, пишува „Фајненшл тајмс“.


Одбивањето на лидерите на ЕУ да го забрзаат пристапувањето на Украина предизвикало фрустрација во Киев, а сè поевроскептичната реторика на администрацијата на Зеленски дополнително ги отежнува напорите за компромис.

Според седум функционери кои учествувале во разговорите, украинските претставници на неодамнешните средби со колеги од ЕУ и САД ја критикувале Европската комисија за начинот на кој го води процесот на проширување и барале побрза временска рамка.

„Членството не е подарок“, изјавил еден од функционерите, додавајќи дека во Киев можеби постои погрешно разбирање за начинот на кој функционира проширувањето.

Друг функционер рекол дека украинската страна настапува со ставот: „Вие ни должите“, оценувајќи дека таквиот пристап не помага.

Иако лидерите на ЕУ претходно овој месец одобрија заем од 90 милијарди евра за Украина за стабилизација на финансиите и набавка на оружје, разликите меѓу Киев и Брисел околу пристапниот процес остануваат големи.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц оваа недела изјави дека надежите на Киев за брз влез „не се реални“, додавајќи дека цената на евентуален мировен договор што би довел до членство во ЕУ може да биде дел од украинската територија повеќе да не биде украинска.

Украина доби кандидатски статус за членство во ЕУ во јуни 2022 година, четири месеци по почетокот на руската инвазија. Зеленски како целен датум за пристапување ја наведе 2027 година, но европските престолнини ја отфрлиле таа идеја.

Отфрлен бил и предлогот за постепено или „симболично“ членство, според кој Украина би добила ограничени придобивки пред полноправното членство.

Зеленски минатата недела изјави дека „на Украина не ѝ треба симболично членство во ЕУ“, додавајќи дека земјата заслужува полноправно членство затоа што ја брани Европа.

Според двајца високи украински функционери, Зеленски им наложил на своите дипломати да не разговараат со владите на ЕУ за никакви модели освен полноправно членство.

На самитот на Кипар, неколку лидери на ЕУ се обиделе да ги намалат очекувањата на Зеленски.

„Мораше да слушне неколку тешки вистини“, изјавил еден функционер, додавајќи дека процесот нема да оди толку лесно како што Зеленски мисли.

Друг европски функционер рекол: „Ние сме му единствените пријатели, па можеби би било подобро да го држи јазикот зад заби.“

И покрај тоа, Зеленски останува на својот став дека Украина треба да добие полноправно членство, без постепени модели.

Во меѓувреме, дипломати од ЕУ предупредуваат дека реформскиот напредок во Украина е забавен, особено во областите на владеење на правото и борбата против корупцијата, а Киев доцни и со неколку клучни законски реформи поврзани со пристапниот процес.

Дополнително, Киев се спротивставува на барањата од Брисел за зголемување на данокот на добивка како услов за исплата на дел од заемот од 90 милијарди евра, тврдејќи дека тоа би ја оптоварило економијата која веќе ги поднесува трошоците од војната.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK