„Ненадејна тишина завладеа во судницата во Авињон додека три големи телевизиски екрани поставени високо на три ѕида накратко затреперија додека се вклучуваа. Можеше да се почувствува дека луѓето се подготвуваат за нешто болно. Дојде време да се прикажат повнимателно избраните снимки од Доминик Пелико, кому му се суди затоа што со години ја дрогирал сопругата и потоа довел десетици мажи да ја силуваат“, јавува Би-би-си.
Видеата, снимени од Пелико и складирани на хард диск што тој го означи со зборот „злоупотреба“, ги документираат нападите врз неговата поранешна сопруга Жизел во текот на една деценија. Педесет мажи се обвинети дека ја силувале откако сопругот ја дрогирал и ја оставил во несвест во брачниот кревет.
Жизел Пелико, која сега има 72 години, се откажа од својата анонимност за да ѝ бидат откриени на француската јавност целосните детали за тоа на што била изложена. Нејзините адвокати се бореа да бидат прикажани видеата од злосторството на суд.
Иако судијата претходно изјави дека на луѓето со „чувствителен карактер“ ќе им биде дозволено да си заминат, една од адвокатите од адвокатскиот тим на Жизел Пелико, рече дека многумина избрале „да го погледнат силувањето право во очи“. Многу од мажите кои нејзиниот поранешен сопруг ги регрутирал на интернет, инсистираат на тоа дека не верувале дека тоа што го прават е силување.
На денот кога се пуштаа касетите во судницата, Доминик Пелико седеше зад стаклената плоча, со левата рака подигната за да му го блокира погледот на екранот. Жизел Пелико седеше на спротивната страна, со главата потпрена на ѕидот, со очите повремено затворени. Нејзиниот израз беше празен.
На екранот, во целосна тишина, можеше да се види низок, блед човек во само сини гаќи и црни чорапи како се приближува до креветот. Камерата се тресеше додека го следеше. Зад мажот, од левата страна, речиси гола, на стуткан бел чаршаф лежеше жена. И тогаш, без никакви промени на снимката, без никакво замаглување, започнаа сексуалните дејствија.
На видеото можеше јасно да се слушне како жената на моменти ‘рчи. Доминик Пелико ги стави двете раце на ушите. Тој со години додавал лек против анксиозност во храната и пијалокот на жената, поради што таа останала без свест, а лекот сериозно влијаел и на нејзиното здравје.
Обвинителите тврдат дека сите 50 мажи кои ги прифатиле онлајн поканите на Пелико да ја посетат семејната куќа во селото Мазан, во близина на Авињон, сигурно знаеле дека неговата сопруга е во несвест. Затоа, тие мораа да сфатат дека таа не е согласен партнер во некаква сексуална игра во која само се преправаше дека спие. Затоа сигурно имале намера да ја силуваат, стои во аргументот на обвинителот.