Лидерите на партиите Смер и Глас, Роберт Фицо и Петер Пелегрини денеска на прес-конференција соопштија дека постигнале договор за формирање на Влада на Словачка.
На изборите победи партијата Смер со 23 отсто од гласовите, партијата Глас беше трета со поддршка од 14,7 отсто од гласачите, а трет коалициски партнер е конзервативната популистичка Словачка национална партија, која освои 5,6 отсто. Тие три партии во новото свикување на словачкиот парламент имаат 79 од вкупно 150 пратеници.
„Се договоривме за основите на коалицискиот договор кој сакаме да го потпишеме што поскоро“, изјави Фицо, пренесува „Политико“.
Тој рече дека новата влада ќе се соочи со повеќе фискални и геополитички предизвици, но смета дека нивното претходно искуство во водењето на Словачка – од 2006 до 2010 и од 2012 до 2020 година, покажало дека можат да бидат на висина на задачата.
„Ако одиме во пеколот, нека биде на голем бел коњ“, рече Фицо парафразирајќи словачка поговорка.
Пелегрини рече дека Словачка веќе нема време или луксуз да формира влада чии членови учат како да управуваат и ќе и требаат месеци, ако не и години, за да ги премостат нивните екстремни идеолошки разлики.
Затоа сум убеден дека нашата одлука за влез во оваа коалиција е правилна, рече Пелегрини.
Во согласност со денешниот договор, Смер ќе има премиер и шест министерства, Глас седум, а Словачката национална партија три министерства.