„Рајанер“ ќе ги „оспори“ тврдењата дека дел од телото на патник за време на лет завршило надвор од авионот откако пукнал прозорец на леталото, додека американските истражители сè уште ги утврдуваат околностите на инцидентот во кој Љубиша Каровиќ бил тешко повреден.
Каровиќ во јули патувал со авион на „Рајанер“ од Грција кон Германија кога пукнал прозорецот покрај неговото седиште. Неговиот адвокат изјавил дека главата и десната рака на Каровиќ, поради наглото опаѓање на притисокот во кабината, биле извлечени низ отворот, по што патникот бил вратен во внатрешноста на авионот.
Меѓутоа, извршниот директор на „Рајанер“, Мајкл О’Лири, ја оспорува таквата верзија на настаните, пишува „Гардијан“, пренесе „Б92“.
Говорејќи по годишното собрание на компанијата во Даблин, О’Лири изјави дека Каровиќ несомнено бил силно повлечен кон прозорецот, но дека дел од неговото тело не бил надвор од него.
„Не беше делумно со телото надвор од прозорецот. Дел од неговото лице не беше надвор од прозорецот“, изјави О’Лири.
Според него, „Рајанер“ не смета дека кој било дел од телото на Каровиќ навистина поминал низ прозорецот, иако патникот, како што наведе, во многу драматични околности бил повлечен кон него.
Истрагата ја води американскиот Национален одбор за безбедност во сообраќајот (NTSB), а во неа учествуваат и „Рајанер“, производителот на авионот „Боинг“ и производителот на мотори „Џенерал електрик“ (GE).