Кулата за ладење во украинската нуклеарна централа Запорожје, која е под руска контрола, беше тешко оштетена во пожар минатиот месец и најверојатно ќе мора да биде урната, изјави директорот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси.
Тој го изјави ова за време на својата петта посета на таа нуклеарна централа, која беше окупирана од руските сили набргу по почетокот на инвазијата на Украина во февруари 2022 година, пренесува агенцијата Танјуг, повикувајќи се на Ројтерс.
„Оваа голема градба нема да биде употреблива во иднина, па веројатно ќе биде урната во одреден момент“, вели тој во видеото од фабриката, објавено на мрежата Х.
На видеото се гледа и како Гроси ја проверува пумпната станица која обезбедува вода, а го посети и складиштето за нуклеарно гориво.
На 11 август избувна пожар во кулата на електраната, а Русија и Украина меѓусебно се обвинуваат дека го предизвикале пожарот. Во тоа време, Гроси го опиша инцидентот како еден од многуте „непромислени напади“, но не ја препиша вината на ниту една земја.
Постројката во Запорожје во југоисточна Украина, најголемата европска нуклеарна централа со шест реактори, е во „ладно исклучување“ и не произведува електрична енергија, а потребна е надворешна енергија за да се одржи ладен нуклеарниот материјал и да се спречи несреќа.
Гроси се состана со украинскиот претседател Володимир Зеленски во вторникот во Киев и предупреди на нестабилната ситуација во Запорожје, каде што се стационирани инспекторите на МААЕ од средината на 2022 година. Тој минатата недела ја посети нуклеарната централа Курск во јужна Русија и рече дека постои ризик од нуклеарна несреќа, по упадот на украинските сили во овој регион минатиот месец.