Демографски рекорд во Јапонија: повеќе од 100.000 луѓе над 100 години


depositphotos_243358394_xl.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Бројот на луѓе на возраст од 100 или повеќе години во Јапонија достигна рекордни 107.677 во септември, забележувајќи раст 56-та година по ред, објави Министерството за здравство.


Вкупниот број на стогодишници се зголеми за 7.914 во споредба со претходната година, со што за прв пат ја надмина границата од 100.000.

Жените сочинуваат 87,6 проценти од оваа група, со вкупно 94.298 луѓе, објави Министерството за здравство, труд и социјална заштита, известува агенцијата „Кјодо“.

Податоците, собрани врз основа на регистарот на населението од 1 септември, покажуваат дека бројот на мажи и жени на возраст од 100 и повеќе години се зголемил за 1.400 и 6.514, соодветно.

Уште 54.294 луѓе ќе наполнат 100 години во текот на фискалната 2026 година, што е зголемување од 1.984 во однос на претходната година.

„Задоволни сме што многу луѓе живеат подолго и остануваат активни, делумно благодарение на напредокот во медицинската технологија“, рече министерот за здравство Кеничиро Уено на прес-конференција.

Тој истакна дека, како што населението продолжува да старее, исклучително е важно системот за социјално осигурување да се направи одржлив.

Трошоците за социјално осигурување во Јапонија растат од година во година поради падот на наталитетот и стареењето на населението, што врши притисок врз јавните финансии, особено имајќи предвид дека фискалната состојба на земјата е веќе најлоша меѓу големите развиени економии.

Фуџо Кишимото, жител на Кјото роден на 20 декември 1911 година, е најстарата жена со 114 години, додека Хикару Като, маж од Кумамото роден на 2 мај 1914 година, е најстариот маж во Јапонија со 112 години.

Просечниот број на стогодишници на 100.000 жители во Јапонија бил 87,51. Бројот на стогодишници во Јапонија бил 153 во 1963 година, кога првпат започнало собирањето податоци. Од 1970 година, кога тој број бил 310, расте од година во година, надминувајќи 1.000 во 1981 година, 10.000 во 1998 година и 50.000 во 2012 година.

Просечниот животен век во Јапонија во 2025 година бил 87,33 години за жените и 81,35 години за мажите, според Танјуг.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK