Генералниот секретар на либанското милитантно движење Хезболах, Хасан Насрала денеска ќе и се обрати на јавноста, пишува Гардијан.
Лидерот на шиитска организација поддржана од Иран денеска јавно ќе проговори за прв пат од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас, во која Хезболах им помага на палестинските милитанти напаѓајќи ги израелските сили.
„Сè уште не видовме никакви индикации дека Хезболах е подготвен да тргне со полна сила. Ќе видиме што ќе каже“, изјави портпаролот на Белата куќа за национална безбедност Џон Кирби, коментирајќи ја најавата за обраќањето на лидерот на Хезболах.
Хезболах во четвртокот објави дека во текот на вечерта нападнал 19 позиции во Израел.
Досега конфликтите главно беа локализирани во пограничната област, а Хезболах користеше само дел од огнената моќ со која Насрала со години му се закануваше на Израел, наведува британскиот весник.
Според некои проценки, околу 50 борци на Хезболах загинале од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас на 7 октомври, во размена на оган со израелските сили.