Чешкиот премиер Петер Фијала денеска изјави дека земјата е свесна за руските хибридни закани во Европа, вклучително и можните напади врз инфраструктурата и програмите за снабдување со оружје.
„Знаеме дека руските сили дејствуваат на територијата на Европа. Европа долго време се соочува со хибридни закани, нивниот интензитет уште повеќе го зголеми руската агресија врз Украина. Затоа правиме се, за да обезбедиме долгорочна безбедност на сите граѓани“, изјави тој за Укринформ.
Фијала истакна дека државните безбедносни сили и специјалните служби се фокусирале на спротивставување на хибридните закани, што им помогнало да ја откријат „проруската мрежа зад серверот „Гласот на Европа“. Тој истакна и дека има индиции дека нападот на автобусот на транспортна компанија од Прага бил организиран и финансиран од Русија.
„Ова е дел од хибридната војна што Русија ја води против нас, од која мора да се браниме и која мора да ја запреме“, истакна премиерот, пренесува Танјуг.
Во интервјуто, Фијала посочи дека Чешка, со потпишувањето на безбедносен договор со украинскиот претседател Володимир Зеленски, се обврза да продолжи да ги поддржува одбраната, безбедноста, стабилноста, обновата и евроатлантската интеграција на Киев во следните десет години или до влезот на земјата во НАТО.
„За Чешка, членството во НАТО е вистинска гаранција за безбедноста на Чешка и убеден сум дека иднината на Украина е и во НАТО и во Европската унија“, рече тој, додавајќи дека ова го смета за гаранција дека конфликтот сличен на оној во Украина нема да се повтори во иднина на европско тло.
Чешкиот премиер изјави дека оваа година, како и минатата година, Прага ќе одвои 21 милион долари за хуманитарна поддршка, развојна и економска помош на Украина. Тој рече дека до крајот на годината на Украина ќе и бидат обезбедени околу 500.000 парчиња муниција од 155 милиметри, како и стотици илјади муниција од голем калибар од други видови.
Прага ќе продолжи да го поддржува Киев во областа на снабдување со енергетски технологии, особено когенеративни постројки“ рече премиерот.