Експертот за пожари во Калифорнија, Чад Хансон ги даде најновите информации за ситуацијата. Тој истакна дека моментално е најмногу шокиран од размерите на уништувањето.
„Видовме цели населби избришани од лицето на земјата. Куќите ги снема, исчезнаа бизнисите“, изјави тој за Би-Би-Си.
Додаде дека пустошот е тешко да се сфати и нагласи дека пет лица ги загубиле животите, но бројот на жртви може да биде далеку поголем.
Од моментот кога пожарникарите сфатија дека нема да можат да ги стават под контрола пожарите, приоритет им беше да го евакуираат населението.
„Тие завршија извонредна работа“, рече Хансон.
Џенифер Колби, координатор за кризи во блиската Пасадена, рече дека повеќето жители никогаш не биле сведоци на катастрофа од оваа големина.
„Многу е тешко“, рече таа во интервју за Би-Би-Си.
Колби истакна дека илјадници припадници на службата неуморно работат на обезбедување поддршка, со акцент на безбедноста на сите граѓани.
Таа додаде дека противпожарната служба останува оптимист поради прогнозата за поволни временски услови во следните неколку дена, што може да помогне пожарот да се стави под контрола.
Сепак, Чад Хансон предупредува дека следната недела ќе дојде уште еден ветер.
„Дотогаш не се прогнозираат дождови. Ќе биде уште посуво, а ако има уште еден налет на ветер, сите преостанати или нови пожари би можеле брзо да се шират“, рече тој.