Канада наскоро ќе одговори на новите царини за увезените возила што ги најави американскиот претседател Доналд Трамп и може да воведе реципрочни мерки против САД, изјави канадскиот премиер Марк Карни, коментирајќи ја најавата на американскиот претседател дека од април ќе воведе царини од 25 отсто за тој сегмент.
Карни го нарече потегот на Трамп „директен напад“ и им рече на новинарите дека во четврток ќе свика состанок на владата на високо ниво за да одлучи за одговорот. „Ние ќе ги браниме нашите работници, ќе ги браниме нашите бизниси, ќе ја браниме нашата земја и ќе ја браниме заедно“, рече тој.
Царините инаку би можеле да и наштетат на високо интегрираната северноамериканска автомобилска индустрија. Канада веќе објави пакет одмазднички царини во вкупна вредност од 155 милијарди канадски долари, за кои рече дека ќе бидат воведени во фази, во зависност од потезите на Трамп.
На прашањето кога Канада ќе одговори, Карни рече: „Тоа ќе се случи наскоро, имаме можности. Можеме да воведеме контра царини“.
Во исто време, јапонскиот премиер Шигеру Ишиба рече дека Токио ќе ги стави „сите опции на маса“. Ишиба во тамошниот парламент ги истакна значајните инвестиции на Јапонија во САД, како и фактот дека таму отвора работни места.
„Јапонија е земјата која инвестира најголема сума во Соединетите држави, па се прашуваме дали има смисла Вашингтон да применува униформни царини за сите земји. Тоа е она што го истакнавме и ќе продолжиме да го правиме тоа“, нагласи тој.
Аналитичарите велат дека овој потег може да и нанесе тежок удар на јапонската економија, со оглед на нејзината зависност од извозот на автомобили во САД. Автомобилите учествуваа со 28,3 отсто од вкупниот извоз на Јапонија во САД во 2024 година, што е највисок сооднос меѓу сите извозни производи.
„Мораме да размислиме што е најдобро за националниот интерес на Јапонија. Ги ставаме сите опции на маса за да го разгледаме најефективниот одговор“, истакна Ишиба, без да ги прецизира можните чекори што може да ги преземе Токио.
Незадоволство од најавата на Трамп изрази и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
I deeply regret the U.S. decision to impose tariffs on EU automotive exports.
Tariffs are taxes – bad for businesses, worse for consumers, in the US and the EU.
The EU will continue to seek negotiated solutions, while safeguarding its economic interests ↓
— Ursula von der Leyen (@vonderleyen) March 26, 2025
„Длабоко жалам за одлуката на САД да воведат царини за автомобилите. Царините се даноци – лоши за бизнисите, уште полоши за потрошувачите, во САД и ЕУ. ЕУ ќе продолжи да бара решенија преку преговори, додека ги штити своите економски интереси“, напиша таа на Икс.
Од друга страна, и американските производители на автомобили и нивните глобални конкуренти се погодени од најавата на претседателот Доналд Трамп дека ќе воведе царини од 25 отсто за сите возила од странско производство и автоделови увезени во САД.