Либанскиот министер за надворешни работи Абдала Бухабиб изјави денеска дека неговата влада добила гаранции од Хезболах дека нема да се приклучи во борбите меѓу Израел и палестинскиот Хамас доколку Израел не го „малтретира“ Либан.
Хезболах вчераутро истрела минофрлачки гранати врз позициите на израелската војска на границата со Либан, во време кога борбите на југот на Израел беа во тек, објави „Тајмс оф Израел“.
Терористичката група поддржана од Иран тврди дека истрелала десетици ракети и гранати врз три израелски позиции во спорниот регион Маунт Дов во знак на солидарност со Хамас.
Либанската група во соопштение наведе дека нападот со употреба на голем број ракети и гранати бил извршен во знак на солидарност со палестинскиот отпор.
Тврдат дека директно биле погодени израелските позиции.
Израелските одбранбени сили објавија дека нема повредени и рекоа дека одговориле со артилериски оган кон полето за лансирање и напад со беспилотно летало врз „инфраструктурата на Хезболах“..
Според неименуван воен извор, локацијата која била цел на нападот со дрон, бил шатор што терористичката група го поставила на израелска територија пред неколку месеци.