Германскиот извоз падна за 1,2 отсто во август во однос на претходниот месец, покажуваат податоците на федералната агенција за статистика „Дестатис“.
Извозот во август изнесува 127,9 милијарди евра, што претставува пад од 5,8 отсто во однос на претходната година, објави „Дестатис“.
Увозот е намален за 0,4 отсто во однос на претходниот месец и изнесува 111,4 милијарди евра. Трговскиот суфицит на земјата порасна скромно, на 16,6 милијарди евра.
Сепак, извозното салдо за осумте месеци од 2023 година беше позитивно, при што вредноста на извезените стоки се зголеми за 1,7 отсто на 1,05 трилиони евра. Германската надворешна трговија минатата година постигна рекорден номинален резултат, делумно поради растот на цените.
Економистот на ИНГ банка, Карстен Брзески за АФП изјави дека, како и остатокот од германската економија, извозот останува заглавен во зоната на самракот помеѓу рецесијата и стагнацијата.
„Ризикот германската економија повторно да западне во рецесија во третиот квартал е се уште висок“, изјави Брзески, пренесува ДВ.