Бројот на загинати во земјотресот во Колумбија се искачи на 224


14205859.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Бројот на загинати во силниот земјотрес што вчера ја погоди западна Колумбија се искачи на најмалку 224, соопштија локалните власти, пренесува Ројтерс. Спасувачите и понатаму ги пребаруваат урнатините, а се очекува бројот на жртви да расте.


Земјотресот со магнитуда 7,4 се случил во 7:34 часот по локално време. Епицентарот бил кај Сан Хозе дел Палмар, во департманот Чоко, на длабочина од 103 километри. Станува збор за најсилниот регистриран земјотрес во Колумбија во 21 век.

Во Кали загинале најмалку 95 лица, а 949 се повредени. Пријавено е дека 239 лица останале заробени во урнати објекти, а 86 досега се спасени. Целосно или делумно се урнале 45 објекти.

Во Перејра се пријавени 72 загинати. Спасувачите, полицијата, војската и граѓаните со механизација и со голи раце ги пребарувале урнатините. На некои места биле регистрирани звуци што може да укажуваат дека под урнатините има преживеани.

Особено тешка е состојбата во болница во Кали, каде што се урнале неколку горни катови, вклучително и делови наменети за педијатриски пациенти. Околу 600 лица биле згрижени на улицата пред оштетената зграда.

Голема штета има и во Манизалес, каде што се урнал еден од торњевите на градската неоготска катедрала. Оштетена е и сообраќајната инфраструктура, а привремено бил прекинат сообраќајот на неколку регионални аеродроми.

Колумбиската геолошка служба регистрирала најмалку 47 последователни потреси, од кои најсилниот бил со магнитуда 4,8. Сеизмолозите предупредуваат дека потресите може да продолжат со денови, недели или месеци.

Поради пријави за грабежи, во Кали и Перејра бил воведен полициски час. Претседателот Абелардо де ла Есприела најавил испраќање дополнителни 1.000 припадници на безбедносните сили во Кали.

САД најавија 15,5 милиони долари помош за привремено сместување, храна и други итни потреби. Помош понудија и Мексико, Ел Салвадор и Чиле.

Земјотресот бил почувствуван во голем дел од Колумбија, вклучително и во Богота, како и во соседните земји.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK