Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами рече дека е уверен оти новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп ќе признае дека Гренланд е дел од Кралството Данска, иако тој призна дека реториката на Трамп понекогаш може да биде „дестабилизирачка“.
Зборувајќи за радио Би-Би-Си, Лами рече дека од првиот мандат на Трамп било јасно дека интензитетот на неговата реторика и непредвидливоста на неговите изјави понекогаш може да предизвикаат нестабилност.
На прашањето за намерите на Трамп да го направи Гренланд дел од САД, Лами рече дека, според него, Трамп е фокусиран на неговите прашања за Русија и Кина на Арктикот, како и на националната економска безбедност.