Предвидувањата на британските лекари дека четиригодишно момче ќе почине набргу откако ќе го симнат од апарати не се остварија, пишува „Sky News“.
Момчето, познато по иницијалите Н.Р., било родено со тешка мозочна малформација и поминало со месеци на интензивна нега по два срцеви застоји. Во април, судијата Најџел Пул одлучил дека останувањето на апарати за одржување во живот не е во најдобар интерес на детето, откако болницата Кингс колеџ побарала од Високиот суд да ја направи својата проценка.
Сепак, момчето „не само што преживеа, туку и напредуваше“ откако беше тргнато од вентилаторот пред повеќе од четири месеци, рече судијата Пул. Тој додаде дека Н.Р. сега сам дише. „Не се исполнија очекувањата дека Н.Р. нема да може да се згрижи дома и дека нема да живее долго по екстубацијата“, истакна тој.
Тој објасни дека некои одлуки за лекување биле донесени во јануари оваа година, кога Н.Р „страдал многу повеќе“ и дека имало „малку или никакви докази дека можел да најде некакво задоволство, освен утешниот допир на неговите родители“.
„Сега може да биде изведен надвор, на пример во парк. Може да ужива во сонцето и чувството на ветрот во косата. Живее во дом со љубов“, додаде судијата. Тој нагласи дека му било „задоволство“ да гледа фотографии од момчето дома со неговите родители.
Мајката на момчето во изјавата пред Високиот суд рече дека волјата за живот на нејзиниот син е „силна“ и дека има добар живот. „Н.Р. преживеа кога лекарите и медицинските сестри кои се грижеа за него со месеци мислеа дека не може. Заслужи нов почеток“, заклучила таа.