Шеесет и тригодишен британски државјанин загина откако паднал од платформа за гледање над историскиот аквадукт во Сеговија, централна Шпанија, соопштија локалните власти, пишува Гардијан.
Во кусото соопштение завчера, властите изјавија дека станува збор за лице со британски пасош, кое во градот пристигнало два дена претходно во придружба на уште две лица. Според првичните извештаи, мажот седел на работ од скалите што воделе до местото за набљудување и паднал наназад откако изгубил рамнотежа, објави локалниот весник El Norte de Castilla.
Градските власти соопштија дека мажот, чиј идентитет сè уште не е соопштен, малку по 13 часот по локално време паднал од местото за набљудување високо неколку метри. Итната помош брзо пристигнала на местото на несреќата и се обидела да го реанимира.
Несреќата се случила на гледна точка позната како Postigo del Consuelo, сместена во остатоците од средновековните ѕидини што го опкружуваат градот. Оваа мала гледна точка одамна привлекува голем број туристи и локални посетители поради широкиот поглед на градот и аквадуктот.