Министерството за надворешни работи на Велика Британија ги советуваше своите граѓани да не патуваат во Либан. Дополнително, граѓаните на ОК што моментално се наоѓаат во земјата се повикани да заминат додека се достапни комерцијални летови. Насилни демонстрации избија денеска во Бејрут, главниот град на Либан, поради смртоносниот напад на болницата Ал Ахли во Газа.
Либанскиот Хезболах повика на „ден на гневот“ поради „масакрот“ за кој го обвинува Израел, пишува Скај Њуз.
„Нека среда биде ден на гневот против непријателот“, повика Хезболах, сојузник на палестински Хамас во изјавата, осудувајќи го „масакрот“ и „бруталното злосторство“.
Повикот на Хезболах дојде кога стотици демонстранти се собраа пред американската амбасада во Авкар, северно предградие на главниот град Бејрут, извикувајќи „смрт за Америка“ и „смрт за Израел“, јавуваат дописниците на АФП. Либанските безбедносни сили употребија солзавец за да ги растераат демонстрантите кои фрлаа камења кон амбасадата.
Американскиот Стејт департмент веќе упати повик до Американците да не патуваат во Либан. Предупредувањето сега е на највисоко ниво – ниво 4 – за да ги одрази „тероризмот, граѓанските немири, вооружените конфликти, криминалот, киднапирањата и ограничениот капацитет на Амбасадата во Бејрут да обезбеди поддршка за граѓаните на САД“, се вели во известувањето.