Словачка е подготвена да го блокира новиот пакет санкции на Европската Унија против Русија, но нема да се спротивстави на одобрувањето на заем од 90 милијарди евра за Украина, изјави денес словачкиот министер за надворешни работи Јурај Бланар, пренесува Танјуг.
Бланар изјави дека Словачка сака да го блокира 20-тиот пакет санкции против Русија сè додека не добие гаранции дека нафтоводот „Дружба“ ќе биде повторно отворен, објави порталот „Денник Н“.
Обраќајќи се пред членовите на Комисијата за европски прашања на словачкиот парламент, Бланар истакна дека Словачка сака јасна, транспарентна и проверлива декларација дека нафтоводот „Дружба“ ќе биде повторно отворен.
„Доколку нафтоводот „Дружба“ не е оперативен и ако одобрувањето на 20-тиот пакет е на маса, ние нема да го одобриме бидејќи немаме други алатки освен да го принудиме украинскиот претседател Володимир Зеленски, заедно со Европската комисија, да го започне нафтоводот Дружба“, рече Бланар.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно изјави дека гасоводот „Дружба“ може да продолжи да работи до крајот на април по рускиот напад, но словачкиот премиер Роберт Фицо го доведе во прашање тоа тврдење.
Според Бланар, ставот на новата унгарска влада во процесот на формирање укажува дека е подготвена да ја поддржи отплатата на заемот кон Украина, која беше блокирана од унгарски премиер во заминување Виктор Орбан, пренесува Танјуг.